Пеналот што Килијан Мбапе не го реализираше во финишот на натпреварот меѓу Бетис и Реал Мадрид предизвика бројни реакции, особено поради сомнежите дека фудбалерот на Бетис, Марк Бартра, прерано влегол во шеснаесетникот.
Мбапе во 94. минута не успеа да го совлада голманот Алваро Ваљес, по што ВАР-собата ја разгледуваше ситуацијата и можноста пеналот да биде повторен. Сепак, судиите проценија дека нема основа за ново изведување.
Причината се наоѓа во начинот на кој правилата го третираат прераното влегување во казнениот простор. Не е доволно само играч да ја помине линијата пред изведувањето на пеналот. За да следи санкција, неговото влегување мора да има директно влијание врз акцијата.
Според правилата, прекршок постои кога играч, освен изведувачот и голманот, прерано ќе влезе во казнениот простор, во полукругот пред него или ќе биде пред топката пред ударот да биде изведен.
Кај одбранбен играч, како што е случајот со Бартра, прераното влегување се санкционира доколку тој го попречи изведувачот или потоа директно влијае врз продолжението на акцијата – на пример, ако по одбранет пенал прв стигне до топката и спречи голема шанса.
Клучен детал при проценката е положбата на стапалата во моментот кога изведувачот ја удира топката. Ако најмалку едно стапало е на земја во казнениот простор, на линијата од шеснаесетникот или во полукругот, може да се смета дека играчот прерано влегол.
Притоа, не се земаат предвид делови од телото кои се во воздух, како рацете или торзото. Исто така, не се применува таканаречената вертикална проекција на телото врз теренот.
Во конкретната ситуација на натпреварот Бетис – Реал Мадрид, проценката била дека Бартра, иако влегол во просторот, не направил прекршок што според правилата бара повторување на пеналот. Едно од неговите стапала било на земја, па затоа судиите немале основа да наредат ново изведување.
Одлуката на главниот судија и ВАР-собата затоа била пеналот да не се повтори, а промашувањето на Мбапе да остане важечко.
Спорната ситуација дополнително доби на значење бидејќи пеналот беше изведен во самиот финиш на натпреварот, кога Реал Мадрид имаше можност да избегне пораз од Бетис.

