HomeМКДЕКОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ

ЕКОЛОЗИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ

Најголемиот национален парк во Македонија со години се соочува со нерешени прашања околу неговата заштита и управување. Додека институциите најавуваат завршување на постапката за повторно прогласување, еколошките организации предупредуваат дека долготрајниот застој остава простор за активности кои можат да ја нарушат природата.

Маврово е прогласено за национален парк во 1949 година, но повеќе од 20 години се чека усогласување на неговиот статус со новата законска рамка. Сè уште нема нов акт за прогласување, ниту целосен план за управување, што според екологистите создава сериозна правна и институционална неизвесност.

Во последниот период повторно се актуелизираа случаите поврзани со лов и бесправен риболов. Од Националниот парк „Маврово“ велат дека контролите се засилени, а неодамна биле пронајдени и отстранети нелегално поставени риболовни мрежи во Мавровското Езеро.

Внимание предизвика и видео на кое се гледаат странски ловци во потрага по дивокози. Управата на паркот тврди дека станува збор за санитарен отстрел, спроведен во согласност со одобрени програми и со дозволи од надлежните институции.

Од „Еко-свест“ предупредуваат и на други закани, меѓу кои нелегална урбанизација, комерцијална сеча и изградба на мали хидроцентрали. Организацијата бара итно да се заврши процесот за повторно прогласување на паркот и да се донесат плановите што ќе овозможат поефикасна заштита.

Од Министерството за животна средина посочуваат дека постапката треба да биде финализирана, по што би требало да се создадат услови за донесување на План за управување со Националниот парк.

Еколошките организации бараат до воспоставувањето на целосна законска рамка да се ограничат активности кои можат да ги загрозат природните вредности на Маврово.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО