Жителите на Ријад рано утринава биле предупредени да преземат мерки на претпазливост поради регистрирана воздушна закана, а во главниот град на Саудиска Арабија биле слушнати и неколку експлозии.
Саудиската цивилна одбрана активирала предупредувања во Ријад и во блискиот град Ал-Харџ, по што подоцна било објавено дека опасноста поминала. Според информациите од локалните власти, засега нема пријавени жртви или поголема материјална штета.
Предупредувањата доаѓаат во период на сериозно зголемување на тензиите меѓу Саудиска Арабија и јеменските Хути. Во последните денови биле пријавувани напади со беспилотни летала и ракети врз саудиска територија, додека саудиските сили извршуваат воздушни напади врз позиции на Хутите во Јемен.
Саудиските власти засега не соопштија што точно ја предизвикало тревогата во Ријад, ниту дали експлозиите биле поврзани со пресретнување на воздушна закана. Ројтерс известува дека ова се првите вакви предупредувања во главниот град откако повторно ескалираа судирите со Хутите.
Безбедносната состојба во земјата е под засилено следење. Само неколку дена претходно, саудиската противвоздушна одбрана соопшти дека пресретнала и уништила дрон јужно од Мека, додека во Тајф по пад на остатоци од пресретнат дрон едно лице загина, а две беа повредени.
Ескалацијата има последици и надвор од Саудиска Арабија. Борбите во Јемен повторно предизвикуваат голема хуманитарна криза, а според податоците на агенциите на ОН, повеќе од 100.000 луѓе биле раселени во внатрешноста на земјата во последните недели.

