Заштитата на енергетската инфраструктура од сајбернапади станува еден од приоритетите во секторот, откако се изработени два клучни документи што треба да овозможат подобра координација и побрза реакција при дигитални безбедносни закани.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Регулаторната комисија за енергетика и енергетските компании, ги финализираше Методологијата за воспоставување секторски Енергетски CSIRT и сеопфатната проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор.
Методологијата треба да послужи како основа за формирање специјализиран механизам кој ќе ги координира институциите и компаниите при компјутерски безбедносни инциденти. Предвидени се правила за навремено известување, размена на информации за закани и усогласено постапување во ситуации кога е загрозена дигиталната инфраструктура.
Ваквиот систем е особено значаен поради меѓусебната поврзаност на енергетските капацитети. Безбедносен инцидент кај еден оператор може да предизвика проблеми и во други делови од системот, поради што брзата комуникација и координираната реакција се од суштинско значење.
Вториот документ ја анализира актуелната состојба со сајберзаштитата во енергетскиот сектор и ги посочува слабостите, потребите и областите во кои се неопходни подобрувања. Проценката содржи препораки и приоритетни чекори што треба да им помогнат на компаниите и институциите да ги зајакнат своите безбедносни капацитети.
Пристапот не се однесува само на големите енергетски компании, туку ги опфаќа и субјектите со помали ресурси, со цел заштитата од дигитални закани да стане заедничка обврска на целиот сектор.
Документите се резултат на проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, поддржан од Владата на Република Словачка и спроведен со поддршка на УНДП. Министерството за енергетика учествувало во иницијативата од нејзиниот почеток, а преку соработката со меѓународните партнери, регулаторот и енергетските компании бил проширен и нејзиниот опфат.
Следната фаза предвидува препораките да се преточат во конкретни процедури, активности и јасно распределени одговорности. Тоа вклучува обука на стручниот кадар, развој на професионалните капацитети, практични безбедносни вежби и подобра координација меѓу институциите и операторите.
Заштитата на дигиталните системи преку кои се управуваат производството, преносот, дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија е директно поврзана со стабилноста на енергетскиот систем и непреченото обезбедување услуги за граѓаните и стопанството.
Од Министерството најавуваат продолжување на соработката со регулаторот, енергетските компании и меѓународните партнери, со цел новите документи да не останат само на хартија, туку да се применат во практиката и да придонесат за поголема отпорност на енергетската инфраструктура.

