Забрзаното дишење по качување по скали е честа појава, дури и кај луѓето кои редовно вежбаат. Искачувањето бара поголем физички напор од одењето по рамна површина, бидејќи телото мора да ја подигнува сопствената тежина спротивставувајќи се на гравитацијата. Сепак, лекарите предупредуваат дека задишаноста понекогаш може да биде и сигнал за одреден здравствен проблем.
Причините може да бидат различни – од послаба физичка кондиција до заболувања на срцето и белите дробови, анемија, нарушувања на функцијата на тироидната жлезда или анксиозност.
Интернистот д-р Харша Мул објаснува дека забрзаното дишење по искачување на еден или два ката може да биде нормална реакција на организмот, дури и кај луѓе кои се во добра физичка форма. Самата задишаност не мора да значи дека постои причина за тревога.
КОГА ЗАДИШАНОСТА МОЖЕ ДА БИДЕ ЗНАК ЗА ЗДРАВСТВЕН ПРОБЛЕМ?
Ревматологот и интернист д-р Али Коен советува да се обрне внимание на отежнатото дишење, свирењето во градите и чувството на стегање во градниот кош. Овие симптоми може да бидат поврзани со состојби како хроничната опструктивна белодробна болест или атријалната фибрилација, нарушување на срцевиот ритам.
Д-р Лук Сорел предупредува дека стегањето во градите што не поминува, особено ако е придружено со мачнина или несвестица, бара итна медицинска помош.
Лекарите нагласуваат дека е важно да се утврди дали задишаноста се јавува подолго време или станува збор за нов симптом. Ако отежнатото дишење се појавило неодамна, без јасна причина, се влошува или се јавува при помал физички напор од вообичаено, се препорачува лекарски преглед.
Во зависност од симптомите, испитувањата може да вклучуваат електрокардиограм (ЕКГ), крвни анализи и дополнителни проверки на работата на срцето и белите дробови.
КАКО ПОЛЕСНО ДА СЕ КАЧУВАТЕ ПО СКАЛИ?
За подобрување на физичката издржливост, д-р Коен препорачува постепено зголемување на интензитетот на физичката активност.
Д-р Сорел советува редовно пешачење, возење велосипед или пливање, како и вежби за зајакнување на мускулите на нозете, меѓу кои чучњеви и исчекори.
Еден од пристапите е да се започне со искачување на еден кат, а потоа постепено да се зголемува напорот од недела во недела. Според д-р Сорел, кај многу луѓе подобрувањето на издржливоста може да стане забележливо по четири до осум недели редовна активност.
Сепак, важно е да не се занемарува задишаноста што е нова, необјаснета или придружена со други симптоми. Во такви случаи, лекарската процена е најдобриот начин да се открие причината и да се утврди дали е потребен третман.

