Компанијата OpenAI претстави специјална верзија на ChatGPT наменета за тинејџери, со дополнителни безбедносни механизми и функции за учење со помош на вештачка интелигенција.
Од компанијата велат дека новата верзија е дизајнирана да им помогне на младите подобро да учат, критички да размислуваат и полесно да ги разбираат наставните материјали, но истовремено да имаат поголема заштита при користењето на вештачката интелигенција.
Новата верзија вклучува дополнителни заштитни функции насочени кон тинејџерите, како и алатки што треба да поттикнат поздраво и поодговорно користење на технологијата. Предвидени се и дополнителни родителски контроли.
Според OpenAI, доколку системот утврди дека корисникот е помлад од 18 години, или доколку самиот корисник наведе дека има меѓу 13 и 17 години, ќе биде пренасочен кон верзијата на ChatGPT наменета за тинејџери.
Платформата ќе има и образовни функции. ChatGPT ќе може да потсетува на домашни задачи, да подготвува квизови и да помогне во визуелно прикажување на наставниот материјал.
Од компанијата посочуваат дека целта е младите да ја користат вештачката интелигенција како алатка за учење и развивање на сопственото знаење, а не само како начин за добивање готови одговори.

