Во мај годинава во земјава престојувале 131.723 туристи, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Од нив, 106.756 биле странски, а 24.967 домашни туристи.
Во истиот месец се реализирани 236.727 ноќевања, при што најголемиот дел – 75,8 проценти – ги оствариле странските гости, додека домашните учествуваат со 24,2 проценти.
Статистиката покажува дека во периодот јануари – мај 2026 година вкупниот број туристи е зголемен за 2,6 проценти во споредба со истиот период лани. Притоа, бројот на домашните туристи е намален за 4,4 проценти, додека странските бележат раст од 4,9 проценти.
Позитивен тренд има и кај ноќевањата, кои во првите пет месеци од годинава се зголемени за 1 процент. Домашните ноќевања се намалени за 4,1 процент, а кај странските е регистриран раст од 3,3 проценти.
Според претходните статистички податоци, најголем број странски посетители во Македонија традиционално доаѓаат од Турција, Германија, Србија и Бугарија, што и натаму ги позиционира овие пазари како најзначајни за домашниот туризам.

