Аргентинскиот фудбалер Мауро Икарди се најде во центарот на вниманието, но овојпат причината не е поврзана со фудбалот. На социјалните мрежи се појави видео од кое се гледа како тој управува автомобил, додека неговата партнерка Еугенија „Чина“ Суарез е наведната и со поголем дел од телото излегува низ прозорецот на возилото.
Снимката привлече внимание кај аргентинските власти, по што Министерството за транспорт на провинцијата Буенос Аирес презеде мерки. При проверката било утврдено дека возачката дозвола на Икарди е истечена, па му била изречена превентивна забрана за управување со возило, која формално важи до 2099 година.
Од Министерството објасниле дека мерката е преземена поради загрозување на безбедноста на самиот Икарди, неговата партнерка, патниците и останатите учесници во сообраќајот. Станува збор за превентивна суспензија, што значи дека фудбалерот може повторно да побара дозвола за возење доколку ги исполни потребните услови.
Икарди реагираше на одлуката преку социјалните мрежи и го доведе во прашање потегот на аргентинските власти. Тој посочи дека поседува италијанска возачка дозвола која, според него, е валидна до 2029 година, и изрази незадоволство што Министерството се занимава со неговиот случај.
Според достапните информации, неговата италијанска дозвола требало да биде регистрирана во Аргентина уште во 2019 година, но тоа не било направено.

