Засилените контроли на производството и прометот на сладолед и мраз во текот на летниот период открија повеќе пропусти кај дел од операторите. Надлежните инспектори констатирале проблеми поврзани со регистрацијата, хигиената, лабораториските испитувања, означувањето на производите и здравствената безбедност на вработените.
Во периодот од почетокот на јули до крајот на август, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спровеле вкупно 560 контроли кај производители, угостителски објекти и други оператори кои произведуваат и ставаат во промет сладолед и мраз.
При надзорите биле донесени 140 решенија поради утврдени неправилности, а на дел од операторите им биле изречени и парични санкции. Вкупната вредност на 45-те изречени глоби изнесува 19.430 евра во денарска противвредност.
Како небезбедни биле оценети и уништени вкупно 202 литри, односно килограми сладолед и мраз. Инспекторите утврдиле и дека 17 оператори воопшто не биле регистрирани во АХВ како оператори со храна.
Дополнителен проблем биле лабораториските проверки. Кај 64 оператори не биле спроведени задолжителните анализи на сладоледот и мразот, додека кај 20 субјекти биле забележани недостатоци во декларациите и означувањето на производите. Во три случаи бил користен мраз набавен од нерегистриран добавувач.
Контролите опфатиле и проверка на условите во кои работат вработените. Кај 10 оператори биле затекнати лица кои немале извршено задолжителни здравствени прегледи.
Хигиенски и технички недостатоци биле констатирани во пет објекти, а кај 19 оператори не биле воспоставени потребните процедури за добра производствена и хигиенска пракса, како и правила за редовно чистење на ледоматите.
Инспекторите забележале и пропусти во следливоста на производите. Кај четири оператори немало соодветни записи за потеклото и движењето на производите, додека кај еден субјект биле утврдени недостатоци при спроведувањето на мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека вонредните контроли биле спроведени согласно законските обврски за безбедност на храната, со цел да се провери исполнувањето на условите за производство и ставање во промет на овие производи.

