Андора испиша нова страница во европскиот фудбал. Интер д’Ескалдес обезбеди историски пласман во лигашката фаза на Конференциската лига, откако по драматичен пенал-рулет ја елиминираше косовска Дрита.
По ремито 2:2 во првиот натпревар во Приштина, реваншот заврши без голови по 120 минути игра. Следуваше пенал-серија во која Андорците покажаа поголема смиреност и славеа со 4:2.
Одлучувачкиот пенал предизвика вистинска еуфорија, а радоста на коментаторот по последниот погодок стана еден од највпечатливите моменти од натпреварот.
За Интер д’Ескалдес ова е огромен успех, но и историски момент за целата Андора. Малата европска држава досега немаше клуб во главната фаза на европските клупски натпреварувања.
Патот до успехот не беше лесен. Андорскиот шампион настапот го започна во квалификациите за Лигата на шампионите, каде беше елиминиран од Линколн Ред Импс од Гибралтар. Потоа продолжи во квалификациите за Конференциската лига, каде прво ја совлада Флора од Естонија со убедливи 6:0 во вкупниот резултат, а потоа ја мина и Дрита.
Со историскиот пласман, Андора повеќе не е меѓу европските земји без клуб во главната фаза на УЕФА натпреварување. На тоа друштво сега остануваат Црна Гора и Сан Марино.

