Иран ја менува својата воена стратегија од одбранбена во „целосно офанзивна“, предупреди висок ирански функционер за „Ројтерс“, по застојот во обидите да се постигне траен договор со САД за прекин на конфликтот.
Според иранскиот претставник, разговорите за мировен договор и повторното нормализирање на поморскиот сообраќај низ стратешкиот Ормуски Теснец се целосно закочени. Тој предупреди дека Техеран е подготвен да преземе „тешки мерки“ доколку дипломатските напори не дадат резултат.
Иранската страна навести дека може да изврши воен напад за да ја пробие американската поморска блокада доколку преговорите пропаднат. Според функционерот, посредниците треба да го пренесат ставот на Техеран до Вашингтон и земјите од регионот.
Дополнителен проблем претставува истекувањето на рокот предвиден со меморандумот за разбирање постигнат во јуни. Документот предвидувал период од 60 дена во кој двете страни требало да постигнат поширок договор, вклучително и за иднината на иранската нуклеарна програма.
Во меѓувреме, реториката меѓу Вашингтон и Техеран станува сè поостра. Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека главната цел на САД е Иран да не поседува нуклеарно оружје.
Зголемените тензии околу Ормускиот Теснец, преку кој минува значаен дел од светската трговија со нафта, предизвикуваат загриженост дека евентуална нова ескалација би можела да има сериозни последици и врз глобалните цени на енергенсите.

