Организаторот на престижната награда „Златна топка“, магазинот „Франс фудбал“, започна истрага поради сомнителни обложувања на криптоплатформата Полимаркет. Група од 12 кориснички профили успеала да го предвиди точниот редослед на првите пет фудбалери во овогодишниот избор, заработувајќи речиси 200.000 долари од вложени повеќе од 264.000 долари.
Особено внимание привлекува фактот што профилите биле отворени во периодот од 1 до 20 октомври и покажувале речиси идентични обрасци на однесување. Истражувањето на францускиот медиум „Апсајд“ отвори сомнежи дека зад нив можеби стои едно лице или организирана група, која евентуално располагала со доверливи информации пред официјалното објавување на резултатите.
Овогодишната „Златна топка“ ја освои Хари Кејн, пред Килијан Мбапе, Ламин Јамал, Родри и Лионел Меси. Токму овој редослед го предвиделе спорните профили на Полимаркет. Не станувало збор само за обложување на името на победникот, туку и за точните позиции на останатите фудбалери.
Според податоците објавени од „Апсајд“, на различните исходи поврзани со изборот биле вложени вкупно над 264.000 долари, а остварената добивка достигнала речиси 200.000 долари, односно околу 149.000 фунти.
Истражувачите утврдиле дека седум од 12-те профили не учествувале на ниту еден друг пазар за обложување. Дополнително, шест профили ја поставиле својата прва облога само 15 минути по отворањето на сметката.
Овие сличности предизвикале сомнежи дека профилите можеби се меѓусебно поврзани, иако засега нема доказ дека сите ги контролира исто лице. Еден од корисниците најпрво вложил на победа на Кејн, а подоцна продал дел од својата позиција откако вредноста на облогот пораснала. Парите потоа биле пренасочени кон предвидувања за конкретните пласмани, меѓу кои и третото место на Јамал.
Особено се издвојува еден профил кој единствен од идентификуваните 12 ги погодил сите пет позиции по точен редослед. На победа на Кејн вложил уште на 1 октомври, додека останатите предвидувања ги додавал во текот на следните недели. Вкупната сума што ја вложил на петте прогнози изнесувала околу 14.000 долари.
Истражувањето го следело и движењето на парите поврзани со овие профили. Дел од трансакциите биле поврзани со други сметки, а една од финансиските траги водела до француската платформа Деблок. Според „Апсајд“, откако биле доставени податоците за трансакциите, платформата успеала да го идентификува лицето поврзано со еден од профилите. Неговиот идентитет засега не е објавен.
Резултатите од истражувањето биле доставени до „Франс фудбал“, кој потврдил дека започнал проверка на случајот. За настанот треба да биде известена и француската полиција. Главното прашање е дали одредени учесници во обложувањето имале пристап до доверливи информации за конечниот пласман пред официјалната церемонија.
Организаторите претходно соопштија дека победникот на „Златната топка“ пред доделувањето го знае само многу ограничен круг луѓе. Токму поради тоа, прецизноста на спорните облози предизвика дополнителен интерес.
Засега нема потврда дека дошло до протекување информации, ниту е утврдено кој стои зад профилите. Сепак, големиот износ на вложени средства и точно предвидениот редослед на првите пет фудбалери отворија сериозни прашања за доверливоста на гласањето за една од најзначајните индивидуални награди во светскиот фудбал.

