Рамзан Кадиров повторно е избран за лидер на Чеченија, откако според официјалните податоци на руската Централна изборна комисија освоил дури 99,85 отсто од гласовите. Резултатот е објавен откако биле обработени сите гласачки ливчиња и претставува највисок резултат на Кадиров досега.
Кадиров, кој е на чело на Чеченија од 2007 година, на изборите во 2016 година официјално освоил 94,8 отсто од гласовите, додека во 2021 година добил 99,7 отсто. Според овогодишните резултати, тој сега го подобрил и тој резултат.
На изборите оваа година имаше уште двајца кандидати. Исмаил Денилханов од партијата „Праведна Русија“, кој е претседател на Јавната комора на Чеченија, и комунистот Халид Накаев, пратеник во чеченскиот парламент, освоиле по 0,05 отсто од гласовите.
Изборите за регионални лидери се одржаа и во уште седум руски региони. Според официјалните податоци, во сите нив водат актуелните гувернери или вршители на должност.
Артем Здунов во Мордовија освоил 78,74 отсто, Владислав Ховалиг во Тува 90,95 отсто, Александар Шуваев во Белгородската област 65,97 отсто, а Егор Ковалчук во Брјанската област 68,03 отсто.
Во Тверската област Виталиј Королев има 69,8 отсто, Олег Мелниченко во Пензенската област освоил 70,92 отсто, додека Алексеј Руских во Уљановската област има 76,65 отсто од гласовите.
Ројтерс известува дека изборите во Русија се одржаа во услови на силна политичка контрола, а повеќето антивоени кандидати не биле во можност да учествуваат. Меѓународни набљудувачи и организации за човекови права во минатото ја критикувале изборната практика во Чеченија, додека Кадиров и неговите власти ги отфрлаат таквите критики.

