HomeТРЕНДКРАЈ НА ЕДНА ЕРА

КРАЈ НА ЕДНА ЕРА

Една од најпознатите европски автомобилски марки би можела да исчезне од пазарот во следните неколку години. Според информации кои се појавија во германските медиуми, Volkswagen Group наводно планира постепено да ја укине марката Seat, а ресурсите и производствените капацитети да ги насочи кон Cupra.

Според наводниот интерен документ на Volkswagen, планот предвидува Seat да престане да постои како самостојна автомобилска марка најдоцна до крајот на 2029 година.

Документот, наводно, бил подготвен во пресрет на состанокот на Надзорниот одбор на Volkswagen кој се одржува на 3 и 4 септември. Во него се наведува дека гасењето би се спровело постепено и со контрола на трошоците, додека на сопствениците на постојните автомобили би им бил обезбеден сервис и исполнување на преземените обврски.

CUPRA СÈ ПОВАЖНА ЗА VOLKSWAGEN

Во центарот на стратегијата се наоѓа Cupra – бренд кој потекна од Seat, но во 2018 година беше издвоен како посебна марка.

Cupra во последниот период бележи значителен раст и станува сè поважен дел од плановите на германскиот концерн. За брендот се подготвуваат и нови електрични модели, додека Seat во моментов нема целосно електрично возило во својата понуда.

Продажните резултати дополнително ја покажуваат разликата меѓу двете марки. Во 2025 година Cupra забележала значителен раст на испораките, додека Seat регистрирал пад.

Амбицијата на Volkswagen, според објавените информации, е Cupra во иднина да достигне меѓу 500.000 и 600.000 продадени автомобили годишно.

SEAT БИ МОЖЕЛ ДА ОСТАНЕ БЕЗ СОПСТВЕНА ИДНИНА

Доколку информациите се потврдат, моделите, продажната инфраструктура и дел од производствените капацитети на Seat би можеле постепено да бидат префрлени под брендот Cupra.

Главниот аргумент наводно е економски – задржувањето на Seat во сегашната форма би барало дополнителни ресурси во период кога Volkswagen се обидува да ги намали трошоците и да ја зголеми ефикасноста.

Ова би претставувало голема промена за марката која со децении е присутна на европскиот автомобилски пазар и е особено позната по модели како Ibiza, Leon и Arona.

VOLKSWAGEN ПОД ПРИТИСОК ДА ГИ НАМАЛИ ТРОШОЦИТЕ

Судбината на Seat се разгледува во период кога Volkswagen Group спроведува поширока програма за реструктурирање.

Германскиот производител се соочува со послаба побарувачка на кинескиот пазар, зголемена конкуренција, нови царини и високи трошоци поврзани со транзицијата кон електрични автомобили.

Поради тоа, компанијата разгледува можности за намалување на производствените капацитети и оптимизирање на својата широка палета на брендови.

СÈ УШТЕ НЕМА ОФИЦИЈАЛНА ОДЛУКА

И покрај информациите кои се појавија во германските медиуми, Volkswagen засега официјално не потврди дека Seat ќе биде укинат.

Од британското претставништво на Seat и Cupra посочиле дека автомобилската индустрија минува низ голема трансформација и дека Volkswagen Group работи на планови за подобрување на конкурентноста и ефикасноста.

Од компанијата нагласиле дека во оваа фаза нема донесени конечни одлуки за иднината на Seat и дека за евентуалните стратешки промени јавноста ќе биде навреме информирана.

Доколку сепак планот биде официјално усвоен, до крајот на 2029 година би можело да заврши повеќедецениското присуство на Seat како самостоен бренд, додека Cupra би ја презела неговата улога во стратегијата на Volkswagen.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО