Во првото пријавување од јунскиот уписен рок за учебната 2026/2027 година, во средното училиште „28 Ноември“ во Дебар се запишале само 32 ученици, иако на располагање се вкупно 238 места за прва година.
За упис се пријавиле 44 ученици кои го завршиле основното образование, од кои 12 за настава на македонски и 32 за настава на албански јазик. На крајот, запишани се седум ученици во паралелите на македонски и 25 ученици во паралелите на албански наставен јазик.
Според конкурсот на Министерството за образование и наука, во гимназијата има место за 102 ученици во три паралелки на македонски јазик, од кои една е подрачната паралелка во селото Могорче, како и за 136 ученици во четири паралелки на албански јазик.
Во споредба со минатата учебна година, бројот на новозапишани ученици е речиси трипати помал. Во првото пријавување за учебната 2025/2026 година биле запишани 95 ученици, од кои 25 на македонски и 70 на албански наставен јазик.
Според познавачите на состојбите, намалениот интерес за упис е резултат на долгогодишниот тренд на иселување на населението и намалувањето на бројот на ученици во основните училишта. Дополнително, дел од деветтоодделенците се одлучуваат средното образование да го продолжат во стручни училишта во Струга, Охрид, Тетово и Скопје.

