HomeМКДМИТРОПОЛИТОТ ПИМЕН ВО ПОСЕТА НА ИСЛАМСКИОТ ЦЕНТАР

МИТРОПОЛИТОТ ПИМЕН ВО ПОСЕТА НА ИСЛАМСКИОТ ЦЕНТАР

Меѓуверскиот дијалог и заемното почитување беа во фокусот на посетата на митрополитот Европски Пимен на Осло, каде што оствари средба со македонскиот амбасадор во Норвешка, Дритон Кучи, а потоа се сретна и со претставници на исламската верска заедница во џамијата и исламскиот центар на Албанците од Македонија.

На средбата во македонската амбасада биле разменети мислења за значењето на духовната поврзаност на македонските иселеници и можностите за зајакнување на соработката во интерес на македонската заедница во Норвешка.

По разговорите во амбасадата, митрополитот Пимен, придружуван од архиерејскиот заменик, протопрезвитер-ставрофор Блажо Кожарски, директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Оливера Трајковска, и претставници на Македонската православна црква во Норвешка, го посетил исламскиот центар во Осло.

Делегацијата била пречекана од претседателот на џамијата, Фатмир Шабани, претставникот на Исламската верска заедница, Фарук Терзиќ, и имамот Берат Хешани. За време на посетата, гостите се запознале со активностите и искуствата на центарот, кој веќе три децении е место за верски живот и собирање на верниците.

Од Европската епархија ја нагласуваат важноста на ваквите средби за развивање на пријателството и разбирањето меѓу различните верски заедници. Во пораката што ја упатија по повод посетата се истакнува дека различностите се богатство, додека верата, почитта и љубовта кон ближниот се вредности што ги поврзуваат луѓето.

Во рамките на посетата на Осло, митрополитот Пимен одржал и духовно предавање пред членовите на македонската црковна заедница, посветено на значењето на Светата Литургија и Светата Причест во животот на православните христијани.

Во своето обраќање тој ја посочил Литургијата како темел на духовниот живот и место на заедништво со Бога и со ближните, додека Светата Причест ја истакнал како чин преку кој верниците се соединуваат со Христос и ја зацврстуваат својата вера.

Македонската православна црковна заедница во Норвешка е основана пред три години и претставува духовно собиралиште за православните верници од македонската дијаспора. Од Европската епархија оценуваат дека искуствата на православната и исламската заедница покажуваат колку се важни организираниот верски живот, меѓусебното почитување и градењето мостови на разбирање во мултикултурното норвешко општество.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО