По завршувањето на тестирањата, карго-композициите се очекува за околу три недели да почнат да сообраќаат по обновената обиколница, додека првата линија на „Градски воз“ треба да стартува до 1 септември.
Завршена е реконструкцијата на железничката делница Драчево – Илинден, со што се создаваат услови товарните возови да бидат пренасочени надвор од градското подрачје на Скопје. Со овој проект се очекува да се намали сообраќајниот метеж на железничката мрежа низ градот, но и да се подобрат условите за транспорт на стока.
Обновената траса денеска беше претставена пред јавноста, при што министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека во моментов се вршат финалните тестирања и технички проверки. Доколку тие завршат успешно, карго-возовите би можеле да почнат да ја користат делницата за околу дваесет дена.
Според надлежните, пренасочувањето на товарниот железнички сообраќај ќе донесе повеќе придобивки – ќе се намали загадувањето во главниот град, ќе се растовари постојната железничка мрежа и ќе се овозможи побрз транспорт на стока по должината на Коридор 10.
Воедно беше најавено и скорешното пуштање во функција на првата линија од проектот „Градски воз“. Планот е таа да започне со работа најдоцна до 1 септември и да ги поврзува Зелениково, Драчево и централното градско подрачје на Скопје.
Со новата железничка линија, патувањето од Зелениково до главната железничка станица во Скопје ќе трае околу 25 минути, додека од Драчево до центарот на градот ќе бидат потребни само 11 до 13 минути. Надлежните очекуваат проектот да понуди брза и сигурна алтернатива на патниот сообраќај и да придонесе за поголема употреба на железничкиот превоз.

