НАТО активираше борбени авиони откако во текот на ноќта биле регистрирани дронови во близина на, а во одредени моменти и во воздушниот простор на Латвија и Естонија.
Во Латвија бил издадено предупредување за можна закана во воздушниот простор во североисточниот дел на земјата. Како реакција, борбени авиони од мисијата на НАТО за воздушно набљудување на Балтикот биле подигнати во воздух.
На локалното население му било препорачано да остане во затворени простории, да ги затвори прозорците и вратите и да се придржува до безбедносните препораки на властите. Предупредувањето било укинато во раните утрински часови.
Инцидентот во Латвија следел по повеќе случаи со странски дронови во воздушниот простор на земјата во текот на летото. Дел од нив се урнале или експлодирале, а во некои случаи биле пресретнати од борбени авиони на НАТО.
Слична ситуација била регистрирана и во соседна Естонија. Естонските власти откриле повеќе дронови во близина на границата со Русија, во период кога Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз цели во Русија.
Еден од дроновите се приближил кон градот Нарва, што предизвикало активирање на противвоздушната одбрана и полетување на борбени авиони од базата Амари. Подоцна леталото го променило правецот и се вратило кон Русија.
Друг дрон накратко навлегол во естонскиот воздушен простор во југоисточниот дел на земјата. Според естонските власти, леталото се однесувало непредвидливо, но на крајот го напуштило воздушниот простор без да биде соборено.
Инцидентите повторно го свртеа вниманието кон безбедноста на балтичките земји, кои се членки на НАТО и се наоѓаат во непосредна близина на Русија.

