HomeСПОРТНАЈМНОГУ УЖИВАМ КОГА СУМ СО КОЊИТЕ И МОИТЕ ЛУЃЕ

НАЈМНОГУ УЖИВАМ КОГА СУМ СО КОЊИТЕ И МОИТЕ ЛУЃЕ

Додека за многумина летниот одмор значи патувања, луксуз и далечни дестинации, за Никола Јокиќ најголемото задоволство е да биде дома, со семејството, пријателите и коњите. Српскиот кошаркар четири месеци помина во Србија, каде што, далеку од кошаркарските терени, уживаше во едноставниот начин на живот што му е добро познат уште од детството.

Јокиќ во разговор за подкастот „Јао Миле“ раскажа дека секојдневието со коњите му претставува вистински одмор. Иако има голем број обврски, се труди секој ден да најде време за престој во шталата, работа со коњите и јавање.

За него, посебно задоволство е да го следи нивниот напредок, но и да биде присутен кога некој од нив се опоравува од повреда. Јокиќ вели дека во односот со коњите пронаоѓа посебна смиреност и ужива дури и во наједноставните моменти, како да остане во шталата и само да ги слуша додека јадат.

Познатиот кошаркар откри и дека големо значење за него имаат луѓето со кои се дружи уште од времето пред да стане светска спортска ѕвезда. Токму тие, според него, му помагаат да остане поврзан со животот што го водел пред славата.

Како пример го посочи својот кум, кој работи како шумар, а со кој и денес може да поминува време на истиот начин како и порано. За Јокиќ, нормално е да оди во викендичка, да се грижи за коњите, да седне со пријателите и да ужива во едноставни моменти.

Во текот на летото, Јокиќ имаше и репрезентативни обврски, настапувајќи за Србија во два квалификациски циклуси, а преостанатиот период го искористи за индивидуални тренинзи, семејството и пријателите.

Тој раскажа и за едно неодамнешно дружење во селото Мол, каде со пријателите прославувал победа на коњска трка. Наместо голема прослава, избрал нешто многу поедноставно – дружење со блиските и традиционално печење прасе.

Јокиќ признава дека понекогаш вниманието од јавноста и барањата за фотографирање му го нарушуваат мирот, но и покрај светската слава, останува силно врзан за Сомбор и за својот дом.

Уште како млад кошаркар, кога настапувал на турнири и натпревари низ Србија и Унгарија, се обидувал што побрзо да се врати дома. Тој раскажа дека неговиот татко често доаѓал по него по натпреварите, а враќањето во Сомбор му било најголемото задоволство.

За Јокиќ, токму таквата поврзаност со семејството, пријателите и животот надвор од кошарката му овозможува и денес да го зачува чувството за нормалност, иако со години е меѓу најпознатите спортисти во светот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО