Високите температури и сувото време повторно го зголемуваат ризикот од пожари на отворен простор низ земјава. Само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани најмалку 31 пожар, а според информациите од Центарот за управување со кризи, во најголем дел причината е поврзана со човечки фактор.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информира дека дел од пожарите најверојатно избувнале поради невнимание и неодговорно однесување, но постојат сомнежи дека одредени огнови биле предизвикани намерно.
Особено внимание во моментов се посветува на подрачјето околу планината Китка, во близина на Драчево и на територијата на Општина Студеничани. Ангелов посочи дека постојат индиции оти пожарот во овој регион повторно се активира од страна на лица кои намерно го распалуваат, и покрај напорите на службите да го локализираат.
Во гаснењето на пожарите се вклучени повеќе институции. На терен се ангажирани воздухоплови на Дирекцијата за заштита и спасување, како и полициски хеликоптери. На дел од критичните локации е постигнат напредок, а според ЦУК, во моментот нема директна опасност за ниту едно населено место во близина на пожарните линии.
Меѓу пожарите што предизвикале најголеми проблеми е оној што избувнал меѓу селата Долно и Горно Чичево. Поради големата површина што ја зафатил и сувата вегетација, грмушките и трњето, огнот тешко се ставал под контрола. Пожарникарите во текот на ноќта успеале прво да го локализираат, а потоа и да го изгаснат.
Во меѓувреме, активна останува и депонијата во Кавадарци. Таму продолжуваат активностите на терен, каде што се присутни пожарникари и специјализирана механизација. Ангажирани се и две оклопни возила БТР, како и возило на Дирекцијата за заштита и спасување, кои може да бидат употребени доколку биде потребно дополнително разладување на теренот.
Од ЦУК повторно апелираат граѓаните да бидат особено внимателни во периодот на високи температури и суша. Секое сомнително движење или однесување поврзано со намерно предизвикување пожар треба веднаш да биде пријавено до надлежните служби, бидејќи навремената реакција може да спречи огнот да се прошири и да загрози населени места и имот.

