Ниту една политичка функција не треба да биде гаранција за избегнување на правдата, порача вршителот на должност главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Маме Мандиаје Нианг. Во интервју за АФП, тој посочи дека налозите за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можеле еден ден да доведат до нивно појавување пред судот во Хаг.
Нианг ја презеде функцијата во период кога МКС води постапки поврзани со актуелни и поранешни државни лидери. Тој нагласи дека примерот со поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте покажува дека дури и лица кои долго време изгледале недостижни за меѓународното правосудство може да се најдат пред суд.
МКС има издадено налог за апсење на Путин во врска со наводни злосторства поврзани со војната во Украина, додека налози беа издадени и за Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант.
Одлуките на судот предизвикаа остри реакции од САД. Администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против претставници на МКС, а Нианг оцени дека притисокот е поврзан со несогласување со начинот на кој судот го толкува својот мандат.
Поради можноста за дополнителни американски санкции, обвинителството во Хаг веќе работи на технички решенија со кои би се обезбедило непречено функционирање на институцијата и во услови на евентуални финансиски или други ограничувања.
Русија, Израел и САД не се членки на МКС, додека Северна Македонија е страна на Римскиот статут од 2002 година. Со тоа, земјата има обврски согласно статутот на судот, вклучително и во однос на постапувањето по активни налози за апсење издадени од МКС.

