Жителите на Стар Аеродром наскоро ќе добијат нови уредени простори за најмладите, откако Општина Аеродром започна активности за поставување нови детски игралишта на неколку локации во населбата.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, извршил увид во активностите на просторот меѓу воените кули, каде по повеќе децении се предвидува поставување целосно ново детско игралиште со современи реквизити.
Покрај играчките и реквизитите за најмладите, на локацијата е предвидено поставување и нова урбана опрема. Со тоа просторот треба да стане попријатен и пофункционален не само за децата, туку и за родителите и останатите жители кои го користат овој дел од населбата.
Паралелно со активностите кај воените кули, ново детско игралиште деновиве се поставува и во близина на кулите зад трговскиот центар „Бисер“.
Од Општина Аеродром посочуваат дека целта е да се создадат повеќе безбедни и уредени места каде децата ќе можат да играат и да поминуваат време на отворено.
„Сакам секое дете во Аеродром да има убаво, безбедно и уредено место за игра, дружење и создавање убави спомени. Затоа интензивно работиме на поставување нови и реконструкција на постојните детски игралишта“, порача Митески.
Активностите се дел од плановите за подобрување на јавните простори во општината, при што покрај нови игралишта се предвидува и обновување на дел од постојните детски катчиња.

