HomeСПОРТЈОКИЌ Е НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО ИСТОРИЈАТА НА АБА ЛИГАТА

ЈОКИЌ Е НАЈДОБАР ИГРАЧ ВО ИСТОРИЈАТА НА АБА ЛИГАТА

Никола Јокиќ е избран за најдобар кошаркар во историјата на АБА лигата, во изборот организиран по повод 25-годишнината од основањето на регионалното натпреварување.

На свеченоста во Љубљана беше претставена листата од 25 најдобри играчи кои оставиле трага во историјата на лигата. Јокиќ убедливо го освои првото место, а меѓу најдобрите пет се најде и хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ.

Победникот е избран врз основа на гласовите од повеќе категории. Најголем удел имале тренерите кои во кариерата ја освоиле наградата за тренер на годината, чии гласови учествувале со 70 проценти во конечниот резултат. Поранешните МВП-играчи во регуларниот дел имале удел од 20 проценти, додека по пет проценти носеле гласовите од медиумите и навивачите.

Јокиќ, кој во АБА лигата настапуваше за Мега Баскет, доби 94,3 проценти од гласовите. На второто место е покојниот Дејан Милојевиќ со 92,3 проценти, додека трет е Богдан Богдановиќ со 80,4 проценти.

Црногорецот Никола Пековиќ е четврти со 78,9 проценти, а петтото место му припадна на Дарио Шариќ со 72,7 проценти.

Покрај Шариќ, меѓу 25-те најдобри се најдоа уште шестмина хрватски кошаркари – Бојан Богдановиќ, Дино Раѓа, Лука Божиќ, Крунослав Симон, Марко Поповиќ и Анте Томиќ.

На листата се најдоа и големи имиња од европската и светската кошарка, меѓу кои Горан Драгиќ, Никола Вучевиќ, Јан Весели, Јака Лакович, Милош Теодосиќ, Бо МекКалеб, Душан Кецман, Никола Калиниќ, Игор Ракочевиќ, Немања Гордиќ, Василије Мициќ, Немања Бјелица, Чарлс Џенкинс и Факундо Кампацо.

АБА лигата е основана во јули 2001 година во Љубљана, каде што е одржана основачката седница на која учествувале претставници на Цибона, Босна, Будуќност и Олимпија.

Во регионалното натпреварување традиционално настапуваат клубови од Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а низ годините во лигата учествувале и екипи од други земји.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО