Владата предводена од Христијан Мицкоски ќе добие нов состав со осум нови министри, една министерска рокада и укинување на функцијата вицепремиер задолжен за добро владеење. Со ова, новиот владин тим ќе брои 23 члена, односно еден помалку од досега.
Поради поголемиот број кадровски промени, Собранието ќе гласа за целиот владин состав во пакет. Предлогот се очекува наскоро да биде доставен до пратениците.
За нов министер за здравство е предложен Сашо Клековски, Ѓоко Велковски за социјална политика, Борче Серафимовски за земјоделство, Јетон Шасивари за правда, Седат Сулејмани за култура и туризам, Агон Ферати за односи меѓу заедниците, додека Ерџан Демир ќе биде министер без ресор. Иван Стоилковиќ ќе го преземе Министерството за локална самоуправа.
Премиерот Мицкоски изјави дека реконструкцијата треба да донесе нова енергија, поголема ефикасност и побрза реализација на владините политики, со фокус на конкретни резултати за граѓаните.
Од СДСМ, пак, оценуваат дека не станува збор за вистински промени, туку само за прераспределба на истите кадри во Владата.

