Новите правила во индустријата на игрите на среќа почнуваат да се применуваат преку низа конкретни мерки насочени кон поголема финансиска транспарентност и построг надзор. Во фокусот е проверката на лицата и компаниите кои сакаат да работат со казино, обложување, автомат клубови и други форми на игри на среќа.
Министерството за финансии продолжува со спроведување на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, донесен кон крајот на јуни, а паралелно се усвојуваат и правилниците потребни за неговата практична примена.
Една од првите новини е правилникот со кој се уредува начинот на проверка на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на подносителите на барања за лиценца.
Правилата се однесуваат на апликантите за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип. При постапката ќе се проверуваат различни околности поврзани со лицата и компаниите, вклучително и евентуални санкции или забрани поврзани со нивното работење.
Дополнително, се воведува контрола на средствата што се вложуваат во основната главнина, како и следење на нивното движење. На овој начин треба да се обезбеди поголема финансиска јасност и да се спречат можни злоупотреби.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочува дека новиот правилник претставува практична разработка на законските одредби и треба да овозможи нивна поефикасна примена.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека процесот не завршува со донесувањето на законот и првиот правилник. Во следниот период ќе продолжи подготовката на дополнителни подзаконски акти неопходни за целосно функционирање на новиот систем.
Очекувањата се дека со новата регулатива ќе се воспостават појасни услови за работа во секторот, посилен институционален надзор и поголема заштита на граѓаните.

