Новото обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби за корупција и малверзации во Државната лотарија почна сериозно да ја бранува стабилноста внатре во Демократската унија за интеграција (ДУИ). Наместо хомогена одбрана, на површина излегуваат длабоки поделби, а сè погласни се обвинувањата од таборот на Груби дека партиското раководство кукавички го оставило сам да ја води својата правна битка. Високиот партиски активист Артин Спахију упати директни и остри критики до актуелното раководство, кое иронично го нарече „политбиро“, потсетувајќи дека многумина од нив ги изградиле своите кариери токму со поддршка од Груби. Според Спахију, оние кои довчера го нарекувале „шеф“, „брат“ и „кинг“ сега се дистанцираат, па во овие тешки моменти јасно се кристализирало „кој е кој“ во партијата. На иста линија реагираше и сопственикот на порталот „Тетова сот“, Рами Мислими, кој јавно праша каде исчезна солидарноста на луѓето со кои Груби со години ги делел власта и одлучувањето.
Од друга страна, пораките од партискиот врв ја отсликуваат нервозата во Мала Речица. Откако првично го избегнуваа неговото име, од ДУИ излегоа со став дека против нивниот функционер нема докази, но изјавата на лидерот Али Ахмети јавноста ја проtolkuva како тактичко дистанцирање. Ахмети откри дека лично му порачал на Груби дека ќе мора да одговара доколку ја злоупотребил неговата доверба, иако додаде дека прва цел е тој да биде ослободен од куќен притвор. Со ова ДУИ се наоѓа пред сериозна политичка дилема: ако безрезервно го брани Груби, го презема целиот негативен корупциски товар на свој грб, а ако се дистанцира, ризикува силна внатрешна фракциска војна. Покрај Груби, со обвинението се опфатени уште седум лица, меѓу кои и екс-директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами. Судскиот процес е закажан да започне на 24 август, а јавноста со големо внимание ќе следи дали на обвинителна клупа ќе се брани само поранешниот вицепремиер или со него ќе падне и дел од партиското наследство.

