Иницијативата Универзалната сала во Скопје да го носи името на познатиот македонски пејач Владо Јаневски не доби доволно гласови на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Предлогот за преименување во „Универзална сала Владо Јаневски“ го поднесе советничката Кети Штерјова од СДСМ. Таа образложи дека на овој начин би се оддало признание за долгогодишната работа на Јаневски и неговиот придонес кон македонската музика.
Според образложението, Универзалната сала со децении е едно од местата кои имаат посебно значење за културниот и музичкиот живот на Скопје. Во објектот се одржувале концерти, фестивали, театарски претстави и голем број други културни настани.
Штерјова посочи дека Јаневски бил автор и изведувач со долгогодишна кариера и еден од препознатливите претставници на македонската популарна музика. Според неа, именувањето на салата би претставувало симболично поврзување на значаен скопски културен простор со неговото музичко наследство.
Предлогот сепак не доби поддршка од мнозинството советници, па не беше изгласан. Во Советот на Град Скопје мнозинство има советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
На истата седница не поминаа ниту дел од иницијативите предложени од советничката група на Левица. Меѓу нив беа предлозите за воведување временски ограничени билети во јавниот автобуски превоз и поставување дополнителни хигиенски и технички стандарди за приватните превозници.
Советниците, од друга страна, ја прифатија иницијативата на Кате Цаневска за воведување систем „0 отпад во Скопје“. Предлогот е насочен кон подобрување на управувањето со отпадот и одржувањето на хигиената во главниот град.

