HomeМКДПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА 22. ЕВРОПСКИ САМИТ ВО САЛЦБУРГ

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА 22. ЕВРОПСКИ САМИТ ВО САЛЦБУРГ

На сесијата посветена на прашањето дали Европа сè уште има улога на глобален играч, претседателката говореше за европската интеграција на Македонија, состојбите на Западен Балкан и потребата од промени во пристапот кон проширувањето. Самитот се одржува од 27 до 29 септември, а меѓу главните теми се и иднината на проширувањето, безбедноста и економската конкурентност на Европа.

Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова се осврна на долгогодишниот европски пат на земјава. Таа посочи дека Македонија повеќе од две децении има кандидатски статус и дека во тој период спровела значаен дел од потребните усогласувања со европското законодавство.

Претседателката оцени дека европската интеграција на Македонија била проследена со низа отстапки и политички условувања. Како пример ги наведе промените на државното име и уставните измени, за кои рече дека биле донесени под надворешен притисок.

Во тој контекст, таа ја отвори и темата за поврзувањето на уставните измени со билатерални и историски прашања. Според неа, ваквиот пристап може да го доведе во прашање принципот според кој напредокот на кандидатите треба да зависи од исполнувањето на европските критериуми.

Сиљановска-Давкова оцени дека јасната перспектива за членство е значајна и за стабилноста на Западниот Балкан, особено во период кога Европа се соочува со сериозни безбедносни и геополитички предизвици.

Таа посочи и на, како што го опиша, несогласувањето меѓу амбицијата на ЕУ да има поголемо влијание во светот и бавниот процес на интеграција на земјите од Западен Балкан.

Како можни насоки за промена на политиката на проширување, претседателката издвојува три принципи. Првиот е напредокот да се темели на исполнетите критериуми и реформските резултати, без дополнителни блокади поврзани со прашања надвор од европските услови.

Вториот се однесува на идното членство и потребата од јасни и еднакви правила за сите земји, додека третата идеја е постепено вклучување на кандидатите во одредени европски политики и механизми уште пред полноправното членство.

Според Сиљановска-Давкова, ваквата постепена интеграција би имала смисла доколку претставува пат кон полноправно членство, а не трајна замена за него.

Нејзиното учество е дел од програмата на 22. Европски самит во Салцбург, кој годинава е посветен на прашањето за Европа како суверен глобален играч.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО