Утринската настава во турскиот град Тургутлу денеска беше прекината по вооружен инцидент во близина на едно средно училиште, при што беа повредени најмалку 11 ученици. Според информациите што ги пренесуваат турските медиуми, двајца од повредените се во тешка здравствена состојба. Осомничениот за нападот, малолетен ученик, бил уапсен кратко по пукањето.
Инцидентот се случил околу 8 часот по локално време во Тургутлу, град во провинцијата Маниса, во близина на средното стручно и техничко училиште „Инџи Узмез“.
Првичните информации биле дека во нападот се повредени најмалку осум лица, но бројот на повредени во текот на утрото се зголемил. Според последните информации што ги објавуваат турските медиуми, повредени се 11 ученици, од кои двајца се во тешка состојба.
Полицијата брзо реагирала и успеала да го пронајде и приведе осомничениот. Станува збор за малолетен ученик. Според информациите што ги пренесува Асошиејтед прес, повикувајќи се на турскиот „Хабертурк“, осомничениот дошол вооружен со пушка, по што почнал да пука во близина на училиштето и потоа се обидел пеш да избега од местото на настанот.
Во рамки на истрагата биле приведени и членови на неговото семејство. Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек соопштил дека полицијата ги привела родителите на осомничениот, како и неговиот дедо.
Истрагата треба да утврди како малолетникот дошол до оружјето и на кој начин тоа било чувано. Надлежните исто така проверуваат дали претходно имало проблеми поврзани со врсничко насилство или други околности кои би можеле да бидат поврзани со нападот.
Засега нема официјална информација за мотивот. Обвинителството во Тургутлу започнало истрага, а на случајот работат двајца обвинители.
По пукањето, голем број родители веднаш пристигнале пред училиштето за да дознаат што се случило со нивните деца. Според турските медиуми, настанала и напната ситуација пред објектот, при што дошло до туркање меѓу дел од родителите и полицијата, која не им дозволувала да влезат во училишната зграда.
Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста во турските образовни установи, особено што станува збор за трет сериозен вооружен напад поврзан со училиште во земјата оваа година.
На 14 април, во градот Сиверек во провинцијата Шанлиурфа, поранешен ученик вооружен влегол во средно стручно училиште и отворил оган. Во нападот биле повредени 16 лица, меѓу кои десет ученици и четворица наставници. Напаѓачот потоа си го одзел животот.
Само еден ден подоцна, во градот Кахраманмараш, 14-годишен ученик отворил оган во две училници во средно училиште. Во првичниот биланс беа наведени девет загинати лица, а подоцна починала и една тешко повредена ученичка. Со тоа конечниот број на жртви достигнал 10 лица – една наставничка и девет ученици.
По двата априлски напади, турските власти најавија дополнително зајакнување на безбедноста во училиштата. Дополнителни мерки биле воведени и на почетокот на новата учебна година, но денешниот инцидент повторно ја стави безбедноста на учениците и наставниот кадар во центарот на вниманието.

