Кристијано Роналдо би можел наскоро да добие сосема нова улога во Ал Наср. Португалската фудбалска ѕвезда е дел од инвеститорски конзорциум кој подготвува понуда за преземање на саудискиот клуб од Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (ПИФ).
Покрај Роналдо, во групата е и Џери Кардинале, основачот на „RedBird Capital Partners“ и сопственик на Милан. Во конзорциумот се вклучени и саудиските бизнисмени Ибрахим Ал-Мухајдиб, Мохамед Ал-Кураји и Шараф Ал-Харири.
Планот предвидува секој од петте инвеститори да вложи најмалку 100 милиони долари, односно околу 92 милиони евра. Со тоа би се обезбедил значителен капитал за преземањето и понатамошното функционирање на клубот од Ријад.
Доколку трансакцијата биде реализирана, Роналдо повеќе нема да биде само најголемата ѕвезда на Ал Наср, туку и негов сопственик, односно акционер. Тоа би било исклучително редок случај во врвниот фудбал, бидејќи активен играч би имал сопственички удел во клубот за кој настапува.
Преговорите наводно влегуваат во завршна фаза. Претставници на „RedBird Capital“ и останатите инвеститори во наредните 48 часа треба да разговараат со челниците на ПИФ, по што ќе биде познато дали саудискиот државен фонд ќе ја прифати понудата.
Роналдо во Ал Наср пристигна во почетокот на 2023 година и досега постигна 126 гола на 148 натпревари, со 24 асистенции. И покрај импресивната статистика, Португалецот сè уште нема освоено голем трофеј со клубот. Ал Наср не успеа да стане шампион на Саудиска Арабија, ниту да ја освои Азиската Лига на шампиони.
Португалецот, кој има 41 година, според договорот со Ал Наср заработува околу 200 милиони долари годишно. Доколку сега стане и сопственик на клубот, неговата приказна во Саудиска Арабија би добила сосема нова димензија.

