Руското Министерство за надворешни работи денес ги отфрли како „груба лага“ обвинувањата на Украина и Западот дека руските сили погодиле едно од најпознатите православни светилишта, Киево-печерската лавра, за време на нападите од големи размери што се случија утрово низ Украина.Во тие напади, наводно е оштетен манастирскиот комплекс во Киев, стар 1.000 години.
Руското Министерство за одбрана претходно денес објави дека американските ракети земја-воздух „Патриот“ што ги користеле Украинците се одговорни за штетата на таа верска зграда, објавува Ројтерс.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги обвини Украина и Западот дека планираат „уште еден фалсификат“ и рече дека руското Министерство за одбрана точно опишало што навистина се случило.
Во изјавата, Захарова, исто така, ги обвини францускиот претседател Емануел Макрон и другите европски лидери дека брзале лажно да ја осудат Москва за штетата на манастирот, додека молчеле за смртоносните украински напади врз студентскиот дом и музејот на Крим, каде што наводно е уништено вредно уметничко дело.

