Руска православна црква испрати дел од коскените останки на средновековниот кнез Дмитриј Донски во Донецк, со образложение дека реликвијата треба да им даде духовна сила и морална поддршка на руските војници на фронтот во Украина.
Станува збор за фрагмент од десната рака на кнезот, кој во руската историја се слави поради победата над монголската Златна Орда во битката кај Куликово во 1380 година. Црквата тврди дека токму со таа рака Донски го држел мечот за време на историската битка.
Останките на кнезот биле пронајдени летово во Москва, во саркофаг во Архангелската катедрала во Кремљ, за време на реставраторски работи. Рускиот претседател Владимир Путин во август ги видел остатоците и откритието го опишал како исклучително и значајно за руската историја.
Руската православна црква соопшти дека реликвијата ќе биде изложувана пред руските воени единици долж фронтот, кој се протега на повеќе од 1.000 километри. Фрагментот е сместен во мал украсен ковчег со заштитно стакло.
Дмитриј Донски бил голем кнез на Москва, а по неговата смрт во 1389 година постепено се претворил во значајна фигура во руската историја и православната традиција. За светец бил прогласен во 1988 година.
Испраќањето на неговите останки на фронтот предизвика внимание и поради отворената поддршка што Руската православна црква му ја дава на Кремљ во војната против Украина. Руските црковни и воени претставници ја претставуваат реликвијата како симбол на историската борба и духовната поврзаност со руските војници.
Реликвијата веќе беше носена и во голема православна процесија низ Москва, а потоа беше однесена во Донецк. На церемонијата таму присуствуваа високи руски функционери, воени команданти и црковни претставници, кои се помолија пред неа.
Руските власти и црковни лица ваквите активности ги поврзуваат со потребата од морал и духовна поддршка за војниците, додека руските сили продолжуваат со операциите во источна Украина.
Особено внимание се посветува на Донецката област, каде Москва настојува да воспостави целосна контрола. Во исто време, дипломатските напори за прекин на војната и натаму не даваат конкретен резултат.
Во Русија, пак, приказната за откривањето на останките на Донски се користи и како симбол на националното единство и патриотизмот. Министерството за одбрана објави и снимки од војници кои присуствуваат на православни богослужби со икони и црковни знамиња, при што команданти порачаа дека реликвијата треба да придонесе за зајакнување на борбениот дух.

