Рускиот генерал-полковник Сергеј Милчаков, кој командува со 51. комбинирана армија и бил ангажиран во операциите во Донецката област, наводно е меѓу високите руски офицери погодени во неодамнешен украински напад.
Информацијата за неговата можна смрт ја објавија руски медиуми, поврзувајќи ја со нападот извршен на 26 август врз руски командни позиции на окупираната територија во Донецката област.
Украинската страна следниот ден соопшти дека извршила прецизни удари врз руски командни пунктови. Од украинското Министерство за одбрана тогаш информираа дека биле уништени скриени позиции и дека се проверуваат информациите за големи загуби меѓу руските офицери.
Сепак, засега нема официјална потврда од руските власти дека Милчаков е загинат. Независниот руски медиум „Важни приказни“ објави дека доколку информацијата биде потврдена, Милчаков би бил 23. руски генерал кој го загубил животот во војната против Украина.
Во руските канали на „Телеграм“ првично се појавиле тврдења дека во нападот загинал Алексеј Милчаков, познат како лидер на руската неонацистичка група „Русич“. Подоцна се појавиле информации дека можеби станува збор за забуна поради истото презиме.
Сергеј Милчаков во минатото командувал со 1. армиски корпус на Доњецката армија, а на таа позиција дошол по смртта на генерал-мајор Роман Кутузов во 2022 година. Подоцна формацијата била реорганизирана и станала дел од 51. комбинирана армија.
Според достапните информации, Милчаков бил вклучен во руските операции во повеќе делови од Донецката област, меѓу кои Авдиивка и Њујорк. Во 2024 година му била доделена титулата „Херој на Русија“.
Доколку се потврди неговата смрт, станува збор за уште еден сериозен удар врз рускиот команден кадар, но во моментов информацијата останува непотврдена од официјална руска страна.

