Четири лица загинаа, а уште четворица се повредени во руски напад со дрон врз автобус во украинскиот град Херсон, соопшти регионалното обвинителство.
Според првичните информации, меѓу загинатите има цивилни патници кои се наоѓале во автобусот во моментот на нападот. Возилото се движело по улица во Херсон која често е изложена на руски воздушни напади.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го осуди нападот, оценувајќи дека нападите врз цивилното население во Херсон одамна ја надминале границата на она што може да се замисли како нормално во воен конфликт.
„Потребен е притисок врз агресорот и поддршка за оние кои ги бранат животите“, порача Зеленски, повикувајќи ги западните партнери да продолжат со испораките на средства за воздушна одбрана.
Херсон беше под руска окупација од март до ноември 2022 година, кога украинските сили повторно го презедоа градот. Сепак, делови од поширокиот регион и натаму се под руска контрола.
Градот редовно е цел на руски напади, а цивилното население е изложено на постојана опасност. Украинските власти продолжуваат да известуваат за зголемен број напади врз населени места и цивилна инфраструктура.

