HomeМКДСДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СО СПРОТИВСТАВЕНИ ОБВИНУВАЊА ЗА ВОДАТА ВО ГОСТИВАР

СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СО СПРОТИВСТАВЕНИ ОБВИНУВАЊА ЗА ВОДАТА ВО ГОСТИВАР

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со меѓусебните обвинувања околу состојбата со водоснабдувањето во Гостивар и Демир Капија.

Од СДСМ реагираат дека во ист ден кога било соопштено дека водата во Гостивар повторно е безбедна за пиење, од Јавното комунално претпријатие „Бошава“ во Демир Капија било објавено дека водата од локалниот водовод не е безбедна ниту за пиење ниту за готвење.

Од опозициската партија ја обвинија Владата дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски не се појавиле лично пред граѓаните во Гостивар.

„Мицкоски избега од пуштањето вода во Гостивар – истиот ден водата забранета во Демир Капија“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата го критикуваат и начинот на кој било одбележано повторното воспоставување на безбедното водоснабдување во Гостивар.

„Вчера во Гостивар организираа здравица и групна фотографија со чаши вода. Срамота. Премиерот и министерот за здравство не беа таму. Од екскурзија ‘пуштаа’ вода. Не сакаа да се појават пред граѓаните“, стои во партиската реакција.

ВМРО-ДПМНЕ: „ВО ГОСТИВАР НИКОЈ НЕ ЛАЖЕШЕ“

На критиките од СДСМ реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој ја обвини опозицијата за лицемерие и го посочи поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Стоилковски се осврна на критиките за пиењето вода од градска чешма во Гостивар пред камерите.

„Пиењето вода од градска чешма во Гостивар пред камери не било успех, туку срам“, порача Стоилковски.

Тој во реакцијата направи паралела со случајот со снимањето на вакцинација на бебе, за кој тврди дека бил политички злоупотребен, и го обвини Филипче за одговорност.

„Во Гостивар, Венко, денеска никој не лажеше. Во Гостивар се покажа дека се надминати хаосот и здравственото лудило зад коешто има твој потпис“, порача Стоилковски.

ВОДАТА ОСТАНУВА ПРЕДМЕТ НА ПОЛИТИЧКИ ПРЕПИР

Случајот со водоснабдувањето во двата града предизвика нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата.

Додека СДСМ го користи случајот за критика на Владата и надлежните институции, од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека проблемот во Гостивар е надминат и дека опозицијата се обидува политички да го искористи случајот.

Во меѓувреме, за граѓаните останува најважно водата да биде безбедна за пиење и институциите навремено и јасно да ги информираат за состојбата со водоснабдувањето.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО