Опозициската СДСМ тврди дека во М-НАВ било спроведено незаконско унапредување на Сашо Славески, брат на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска изјави дека Управниот одбор на М-НАВ во март минатата година донел одлука со која Славески бил прераспределен од работно место обезбедувач на имот на функцијата помошник за обука и координација во Одделението за воздухопловни информации (AIS), а истовремено бил избран и за член на Управниот одбор.
Според Кузеска, одлуката била донесена без да биде јавно објавена, а јавноста дознала за неа дури по поднесувањето кривични пријави против членовите на Управниот одбор кои ја изгласале. Таа наведе дека со новата позиција неговите месечни примања се зголемиле од околу 50.000 на речиси 100.000 денари, при што, според СДСМ, за период од 14 месеци биле исплатени повеќе од 7.000 евра без законска основа.
Од партијата оценуваат дека случајот е уште еден пример за непотизам и партиско влијание во институциите, при што, како што велат, наместо стручност и професионални критериуми, предност имаат семејните и политичките врски.
Од М-НАВ засега нема официјален став во врска со обвинувањата изнесени од СДСМ.

