Министерството за финансии презема мерки за зајакнување на финансиската контрола во јавниот сектор преку подобра институционална соработка и професионализација на внатрешната ревизија.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека е унапредена соработката со Државниот завод за ревизија, а во исто време за првпат ќе биде воведен национален испит и сертификација за овластени внатрешни ревизори во јавниот сектор.
Според министерката, целта е институциите да имаат посилни контролни механизми и поголеми професионални капацитети за спречување и откривање неправилности, измами и коруптивни дејствија.
Со меморандумот со Државниот завод за ревизија се предвидува поголема координација, размена на информации и искуства и усогласување со европските стандарди во областа на јавните финансии.
Димитриеска-Кочоска посочува дека националната сертификација на внатрешните ревизори треба дополнително да ја зајакне контролата врз трошењето на буџетските средства и да придонесе за поголема отчетност на институциите.
Мерките се дел од реформите поврзани со Поглавјето 32 – Финансиска контрола и обврските предвидени со Реформската агенда.
„Секој денар од Буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес“, порача министерката.

