Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени ја погоди западна Колумбија, предизвикувајќи значителна материјална штета и паника во повеќе градови. Потресот бил регистриран во утринските часови, а епицентарот се наоѓал во близина на Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од околу 107 километри.
Меѓу најпогодените подрачја е Кали, каде според првичните информации се урнале околу 20 објекти. Градските власти потврдиле дека има лица заробени под урнатините, додека спасувачките екипи и граѓаните веднаш започнале со пребарување на погодените објекти.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетени и урнати згради, како и граѓани кои се обидуваат да помогнат во извлекувањето на луѓето. Штети се пријавени и во Манизалес, Ерменија, Кибдо и други места.
Локалните власти предупредија дека можни се дополнителни потреси. По главниот земјотрес веќе бил регистриран и последователен потрес со магнитуда од 4,8 степени.
Земјотресот предизвикал проблеми и во воздушниот сообраќај. Привремено бил прекинат сообраќајот на шест аеродроми поради проценка на безбедноста и пријавените оштетувања.
Спасувачките служби продолжуваат со проверка на објектите и пребарување на урнатините, додека властите собираат информации за точниот број на повредени и степенот на материјалната штета.

