Студентите од државните универзитети наскоро ќе можат да стекнуваат практично искуство во локалната самоуправа преку нова програма што ја подготвуваат Владата, Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации ИНОВА.
Програмата, која ќе се реализира во текот на август и септември, има цел да им овозможи на младите уште за време на студирањето да се запознаат со работата на општинските служби и да стекнат практични вештини што ќе им помогнат при идното вработување.
Според најавите, студентите ќе бидат распределувани во различни сектори во општините, во зависност од нивниот профил и потребите на локалните администрации. Целиот процес ќе се спроведува во соработка со државните универзитети, а координацијата ќе биде доверена на Агенцијата ИНОВА, додека Министерството за локална самоуправа ќе ја организира реализацијата на практикантството преку своите механизми за поддршка на општините.
Покрај можноста за практична работа, преку програмите на ИНОВА ќе се обезбедува и поддршка за стартап-компании и иновативни проекти кои ќе понудат современи решенија за подобрување на услугите што ги нудат општините.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ваквите активности се настојува да се создадат подобри услови за професионален развој на младите, како и да се воспостави поблиска соработка меѓу високото образование, локалната власт и приватниот сектор.
Во партиското соопштение се наведува дека целта е младите да добијат повеќе можности за работа и усовршување во сопствената држава, наместо својата иднина да ја бараат надвор од земјата. Оттаму додаваат дека преку вакви мерки се очекува да се зајакнат капацитетите на општините, а истовремено да се создадат подобри услови за развој на младите кадри и подобри услуги за граѓаните.

