Непријатен инцидент го прекинал концертот на Сузана Гавазова во Пештани, откако за време на настапот избила физичка пресметка меѓу повеќе лица.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 28 август околу 23:35 часот, кога било пријавено нарушување на јавниот ред и мир. На местото интервенирале полициски службеници од СВР Охрид.
По инцидентот, во полициска станица биле приведени шест лица. Станува збор за Т.И. (42) и М.И. (36), двајцата од Велес, Г.М. (52) и А.Т. (45) од Пештани, како и П.Б. (21) од Битола и Н.Г. (19) од Прилеп.
Според информациите од терен, тепачката се случила додека траел музичкиот настап, по што концертот бил прекинат. Случувањата се одвивале пред голем број гости, кои биле сведоци на пресметката.
Ситуацијата дополнително била непријатна поради прекинот на електричната енергија. Во еден момент просторот каде што се одржувала прославата останал без осветлување, што создало дополнителна конфузија меѓу присутните.
По полициската интервенција, шесте лица биле приведени.

