Најмалку 21 лице го загубило животот во тешка сообраќајна несреќа во јужниот дел на Синајскиот Полуостров во Египет, соопштија египетските здравствени власти. Во несреќата има и десетици повредени.
Несреќата се случила на патот што ги поврзува туристичките места Дахаб и Нувеиба, на брегот на Црвеното Море. Според првичните информации, автобусот во еден момент излетал од коловозот и се превртел.
Се претпоставува дека возилото се движело со голема брзина, по што возачот ја изгубил контролата. Точните причини за несреќата, сепак, треба да ги утврди истрагата.
Меѓу патниците имало и поголем број државјани на Јордан. Од јорданското Министерство за надворешни работи потврдиле дека меѓу жртвите и повредените има и нивни државјани.
Повредените биле пренесени во здравствени установи, а надлежните служби продолжуваат со идентификација на жртвите и утврдување на сите околности под кои дошло до несреќата.
Подрачјето долж Црвеното Море е едно од најпосетуваните туристички региони во Египет. Несреќата повторно го отвори прашањето за безбедноста на патиштата и автобускиот превоз во земјата.
Само минатиот месец, во друга тешка сообраќајна несреќа во египетската провинција Исмаилија, загинаа 15 лица, додека 32 беа повредени.

