Најмалку 150 лица се приведени во Истанбул откако турската полиција интервенирала на протест пред судот Чаглајан. Демонстрантите се собрале за да реагираат против неодамнешните апсења на активисти и претставници на ЛГБТК+ организации.
Полицијата го прекинала собирот пред присутните да дадат изјава за медиумите. За време на интервенцијата, демонстрантите извикувале пораки против омразата и репресијата.
Приведувањата следуваат по серија полициски акции во повеќе турски покраини. Во текот на изминатиот викенд биле уапсени најмалку 26 лица во Истанбул и 21 во Анкара, а биле претресувани и простории на неколку ЛГБТК+ здруженија.
Во Измир, судот вчера одредил притвор за 16 лица, соопшти локалното обвинителство. Турските власти велат дека операцијата, која ја нарекоа „Моето семејство е безбедно“, е насочена кон заштита на децата и семејните вредности.
Министерот за правда Акин Ѓурлек изјави дека истрагите се водат во Истанбул, Анкара, Измир, Ајдин и Мерсин и опфаќаат 162 осомничени, девет здруженија и 13 компании во 15 покраини.
Покрај апсењата и претресите, турските власти блокирале и повеќе интернет-страници и профили на социјалните мрежи поврзани со ЛГБТК+ организации, активисти и независни медиуми. Меѓу блокираните е и профилот на турскиот огранок на „Амнести интернешнл“ на платформата X.
Случувањата предизвикаа реакција и од Советот на Европа. Комесарот за човекови права Мајкл О’Флаерти изрази загриженост поради апсењата, полициските претреси и ограничувањата на интернетот насочени кон ЛГБТК+ активисти и граѓански организации.
Тој порача дека повикувањето на семејните вредности или заштитата на децата не може само по себе да биде оправдување за ограничување на човековите права и повика на ослободување на лицата кои се приведени поради нивниот ангажман во граѓанското општество и областа на човековите права.

