Мароко веќе го гледа финалето на Светското првенство во 2030 година како свој голем проект, иако ФИФА сè уште нема донесено официјална одлука каде ќе се одигра најважниот натпревар на турнирот.
Претседателот на Мароканската фудбалска федерација, Фоузи Лекја, изјави дека финалето ќе се одржи во провинцијата Бенслиман, во близина на Казабланка.
Во ова подрачје се гради стадионот „Хасан II“, чиј капацитет треба да биде околу 115.000 гледачи. Објектот е еден од најголемите инфраструктурни проекти поврзани со Мундијалот и е планиран како најголем фудбалски стадион во светот.
Мароко и Шпанија се заинтересирани да го добијат домаќинството на финалето. ФИФА неодамна ги отфрли како неточни медиумските информации дека претседателот Џани Инфантино наводно му ветил на Мароко дека финалниот натпревар ќе се игра таму.
Светското првенство во 2030 година ќе биде историско бидејќи натпреварите ќе се играат во шест земји на три континенти. Првите три средби ќе се одржат во Аргентина, Парагвај и Уругвај, додека главни домаќини ќе бидат Мароко, Португалија и Шпанија.

