Прага ја потврди поддршката за европската интеграција на земјава
Чешка ја потврди својата поддршка за членството на Северна Македонија во Европската Унија и порача дека е подготвена да помогне во пристапниот процес.
По средбата со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Охрид, чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка истакна дека членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Прага.
Тој понуди чешко искуство и помош во реформите, со цел земјава да ги избегне грешките со кои Чешка се соочувала во текот на сопствениот пристапен процес.
Муцунски посочи дека двете земји имаат простор за дополнително унапредување на економската соработка, особено во инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технологијата.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена да ги спроведе потребните реформи, но очекува европскиот процес да биде фер, предвидлив и заснован на јасни критериуми.
На средбата биле разгледани и безбедносните прашања, при што двајцата министри ја истакнале заедничката улога на двете земји како членки на НАТО во зачувувањето на стабилноста во Европа и регионот.

