HomeМКДЗдравствоШЕСТ ЖРТВИ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА

ШЕСТ ЖРТВИ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА

Бројот на починати од западнонилска треска во Северна Македонија се искачи на шест, откако денеска беше потврден уште еден смртен случај. Станува збор за 72-годишен маж од скопската општина Аеродром, кој во болница бил примен во тешка здравствена состојба.

Според информациите од здравствените власти, пациентот бил хоспитализиран пред околу две недели, но и покрај медицинскиот третман, неговата состојба се влошила и тој починал.

Во меѓувреме, бројот на регистрирани случаи на инфекција продолжува да расте. За само една седмица се евидентирани повеќе од десет нови случаи, а вкупниот број достигнал 53 заболени. Кај 50 лица инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за уште три случаи се очекуваат дополнителни резултати.

18 ПАЦИЕНТИ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ВО СКОПЈЕ

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје во моментов се лекуваат 18 пациенти заразени со вирусот.

Најмладиот пациент има 26 години и, според достапните информации, неговата здравствена состојба е добра. Сепак, состојбата кај дел од останатите пациенти е сериозна.

Пет лица се сместени на одделот за интензивна нега и се со тешка клиничка слика. Станува збор за повозрасни пациенти, кај кои инфекцијата предизвикала посериозни здравствени компликации.

Западнонилската треска се пренесува преку каснување од заразен комарец, а ризикот од инфекција е особено актуелен во периодот кога има зголемена активност на комарците.

Новото зголемување на бројот на заболени и смртни случаи повторно го актуелизира прашањето за заштитата од комарци и мерките за намалување на нивната бројност.

Во регионот, исто така, се бележи зголемена циркулација на вирусот. Во Грција, според најновите податоци, до 26 август биле регистрирани 232 случаи и 19 смртни случаи во текот на оваа сезона.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО