Никола Јокиќ призна дека вниманието од јавноста сè потешко го поднесува. Српскиот кошаркар на Денвер Нагетс во разговор со својот соиграч Мајкл Портер Џуниор откри дека постојаното фотографирање и снимање му станале заморни, па понекогаш намерно избегнува контакт со луѓето кои му приоѓаат.
Јокиќ е познат по тоа што не ужива во медиумското внимание и слободното време најчесто сака да го поминува во родниот Сомбор, далеку од атмосферата и гламурот на НБА-лигата.
„Популарноста сè повеќе ми пречи. Знам дека ќе звучи грубо, но станувам сè понепријатен кон луѓето кои ми приоѓаат. Тоа е навистина исцрпувачки. Поминаа 11 или 12 години и мислам дека е доста“, изјави Јокиќ.
Особено му пречи кога луѓето без дозвола го снимаат додека е во ресторан, бар или на некој друг јавен настан.
„Само ќе извадат телефон и почнуваат да снимаат. Тоа е непристојно. Не се обидувам да се покажувам, туку едноставно сакам да си го живеам животот“, објасни кошаркарот.
Јокиќ зборуваше и за тоа дали познатите спортисти треба да бидат пример за младите. Според него, најголемо влијание врз децата треба да имаат семејството и пријателите, а не професионалните спортисти.
Српскиот центар е трикратен МВП на НБА-лигата, а во 2023 година го предводеше Денвер до првата шампионска титула во историјата на клубот и беше прогласен за МВП на финалето. Минатата сезона просечно постигнуваше 27,7 поени, 12,9 скока и 10,7 асистенции по натпревар.

