Цената на американската сурова нафта WTI и денеска бележи пад и се движи околу 68 долари за барел, што е најниско ниво во последните неколку месеци. Намалувањето на цената доаѓа откако инвеститорите проценија дека ризикот од нарушување на испораките на нафта од Блискиот Исток моментално е помал.
Во изминатиот период пазарите беа под силен притисок поради тензиите меѓу САД и Иран, особено поради стравувањата дека би можело да дојде до ограничување на пловидбата низ Ормутскиот Теснец – една од најважните поморски рути преку која се транспортира голем дел од светската нафта.
Сепак, последните дипломатски контакти меѓу Вашингтон и Техеран, кои се одржаа со посредство на Катар, внесоа одреден оптимизам. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите се одвиваат во добра атмосфера и дека е направен напредок по повеќе прашања, што ги намали стравувањата од нова ескалација.
Овие сигнали веднаш се одразија и на берзите, каде цените на нафтата продолжија да паѓаат, бидејќи инвеститорите очекуваат дека засега нема опасност од прекин на испораките.
И покрај тоа, аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата сè уште е далеку од решена. Иран останува на ставот дека мора да има целосна контрола врз сообраќајот низ Ормутскиот Теснец и не покажува подготвеност да отстапи од тоа барање. Техеран смета дека ова прашање е клучно и без негово решавање тешко дека ќе има напредок во останатите преговори.
Токму поради тоа, пазарите остануваат претпазливи. Иако во моментов цената на нафтата е во пад, секое влошување на односите меѓу САД и Иран или неуспех на преговорите би можело повторно да предизвика раст на цените и нова нестабилност на светските енергетски пазари.

