HomeГЛОБУСЦРВЕНА ПОТЕРНИЦА ПО АНАСТАСИЈА

ЦРВЕНА ПОТЕРНИЦА ПО АНАСТАСИЈА

Меѓународната полициска организација Интерпол распиша црвена потерница по 39-годишната Украинка Анастасија Березовска, која е осомничена дека стои зад бомбашкиот напад во Монако, во кој беа повредени три лица, меѓу кои и украински бизнисмен за кого медиумите наведуваат дека има деловни врски со Русија.

Според информациите од истрагата, експлозивната направа била оставена пред станбена зграда во која живееле жртвите, а експлодирала во моментот кога тие пристигнале пред влезот. Во експлозијата биле повредени бизнисменот, неговата партнерка и нивниот син, по што сите биле пренесени на лекување. Властите случајот го водат како обид за убиство.

Истрагата првично била насочена кон машко лице, но анализата на снимките од безбедносните камери покажала дека осомничената е жена која, според истражителите, најверојатно била маскирана за полесно да го изврши нападот и да избега. По експлозијата, таа пеш ја напуштила територијата на Монако и влегла во Франција, а подоцна, според истражни извори, била забележана во Германија.

Во црвената потерница на Интерпол е наведено дека Березовска има темна коса, зборува германски јазик и има препознатлива тетоважа, која наликува на змија, долж десната рака. Монегашките власти ја бараат под сомнение за обид за убиство и други тешки кривични дела.

Иако во дел од медиумите се појавија шпекулации дека осомничената можеби се упатила кон Балканот, засега нема официјална потврда од Интерпол или од надлежните истражни органи. Единствено е потврдено дека потрагата е проширена на меѓународно ниво и дека безбедносните служби во повеќе европски држави се вклучени во нејзиното лоцирање.

Црвената потерница на Интерпол не претставува автоматски меѓународен налог за апсење, туку барање до полициските служби ширум светот да ја пронајдат и привремено да ја приведат осомничената, во согласност со законите на државата во која ќе биде лоцирана. Истрагата за мотивите на нападот продолжува, а француските и монегашките власти најавуваат дека ќе објават дополнителни информации по завршувањето на првичните вештачења.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО