Европската безбедност и стабилност зависат од единството на државите и нивната посветеност на демократските принципи, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во пресрет на Самитот на НАТО што се одржува во Анкара.
Таа оцени дека силата на Европа не треба да се мери само преку воените капацитети, туку и преку способноста да ги зачува мирот, демократијата и меѓусебната солидарност. Според неа, европското обединување и продолжувањето на процесот на проширување се клучни за стабилен и безбеден континент.
Претседателката нагласи дека во современите меѓународни односи треба да доминираат дијалогот, правдата и почитувањето на меѓународното право, наместо политиките водени исклучиво од интереси и сила. Како што истакна, денешниот свет има потреба од повеќе принципиелност и соработка меѓу државите.
На самитот, Сиљановска-Давкова ја предводи македонската делегација, во која се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски.
Главните теми на состанокот на лидерите на Алијансата се зајакнувањето на заедничката одбрана, поголемите вложувања во одбранбените капацитети, развојот на воената индустрија и понатамошната поддршка за Украина. Во текот на самитот, македонската претседателка ќе има обраќање пред Северноатлантскиот совет, каде ќе ги претстави ставовите на земјата за актуелните безбедносни предизвици и улогата на НАТО во зачувувањето на мирот и стабилноста.

