Хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје е продаден, а во тек е и постапката за продажба на хотелот „Јадран“, познат како „Арапската куќа“.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, нов сопственик на „Бристол“ е компанијата „ГМ Проперти“, чиј сопственик е Емил Кратовалиев, член на Управниот одбор на осигурителната компанија „Уника“.
Продажбата следува по одлуката на акционерите на „Македонијатурист“, кои годинава одобрија отуѓување на дел од имотот на компанијата. Покрај двата хотели, на продажба се и станови на улицата „Максим Горки“ и деловниот простор „Пивница“.
Изграден во 1923 година, „Бристол“ е еден од најпознатите историски хотели во Скопје, но веќе подолго време не е во функција.
Во меѓувреме, „Македонијатурист“ го нуди на продажба и хотелот „Јадран“ по почетна цена од 1,9 милиони евра. Објектот, изграден во 1938 година и заштитен како споменик на културата, ќе добие нов сопственик откако државата се откажа од можноста за негов откуп.
Судбината на двата објекта ќе зависи од плановите на новите сопственици, кои ќе мора да ги почитуваат условите за заштита на културното наследство.

